![sovet na jo_4](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/08/sovet-na-jo_4.jpg?resize=640%2C359&ssl=1)
Советот на јавни обвинители и денеска не избра вршител на должноста Јавен обвинител поради немање кворум. Претседателот на советот Аневски, најавувајќи го продолжението за вторник, изјави дека на местото на Зврлевски ќе биде назначен некој од постојните јавни обвинители во државното обвинителство. Предлогот за огласување за избор на јавен обвинител е на собраниската седница на 4-ти септември. Функцијата државен Јавен обвинител привремено ја врши Лилјана Спасовска…
Поради немање кворум се одложи седницата на Советот на јавните обвинители на којашто требаше да се назначи вршител на должност – републички јавен обвинител. Нов состанок е закажан за вторник, за кога се очекува еден од обвинителите на републичкото обвинителство да биде именуван на функцијата.
Откако Собранието го разреши Марко Зврлевски, највисоката обвинителската функција ја извршува неговата заменичка Лилјана Спасовска, која останува на оваа позиција додека Советот избере вршител на должноста.
Вршителот на должност ќе ја извршува функцијата сѐ додека не се назначи нов републички Јавен обвинител. Владата во вторникот му предложи на Собранието да ја отпочне постапката за избор на обвинител кој ќе седне на испразнетото место на разрешениот Марко Зврлевски.
Парламентот за четврти септември го стави на дневен ред предлогот за огласување именување на јавниот обвинител. Штом огласот излезе во Службен весник, кандидатите имаат рок од 15 дена да достават апликација. Исто толку дена им стојат на располагање на членовите на Советот на јавните обвинители да се изјаснат позитивно или негативно по однос на доставените документи на секој од кандидатите. Потоа Владата избира еден од кандидатите за има согласнотст и го предлага на гласање во парламентот. Јавниот обвинител се избира со 61 глас. Има мандат од 6 години.