![artan-grubi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/07/artan-grubi.jpg?resize=696%2C365&ssl=1)
Собраниската Комисија за европски прашања на која на дневен ред е Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година ја прекина дебатата.
По изгласувањето на дневниот ред на седницата, претседателот на Комисијата Артан Груби истакна дека ја прекинува работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој Предлог-закон.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев побара Предлог-законот за попис да се повлече. Предлогот го оцени како како штетен и неевропски, кој не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население.
Претседателот на Комисијата, Груби најави дека седницата за попис ќе биде дополнително закажана, а Комисијата продолжи со работа по 46-та седница на која на дневен ред е Предлог-законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста во второ читање.
Законот за попис на населението е владин предлог со кој во посебна графа се дозволува и евидентирање на иселниците и тоа преку матични броеви. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против ваквото решение поради што пред две недели се формирани и меѓупартиски работни групи меѓу власта и опозицијата. Засега нема исход од преговорите.
– Бараме Закон за попис согласно препораките на европските и меѓународните стандарди за попис на неризидентно население. Бараме да се спроведат пописи како што се спроведуваат во Австрија, Германија, Франција – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев.