Одложена седницата на која Јанева требаше да даде отчет

Седницата на која Јанева требаше да даде отчет е одложена. Седницата на советот на јавни обвинители што беше закажана за денеска е одложена за во среда на 27-ми јануари.

Советот на обвинителите денеска на затворена седница требаше да расправа за стручноста на специјалната обвинителка Kатица Јанева и за тоа како постапила таа во случајот со предавањето на материјалите од незаконското прислушување од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 30 декември.

На седницата, како што претходно објавија медиумите, се очекува да се донесе заклучок со кој ќе се побара отчет од Јанева како точно се одвивало примопредавањето и дали постои некаков пишан документ – листа на она што е примено во специјалното јавно обвинителство од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Специјалната јавна обвинителка ќе добие рок во кој ќе треба писмено да го извести Советот за сите детали за овој случај, вклучително и законските одредби кои биле искористени за таа да му ги побара снимките на Заев, но и административното водење на предметот во институцијата, како што се уписници и слично.

Советот на јавните обвинители е единствениот орган кој има право да ја цени стручноста во работењето на специјалната обвинителка откако со законот со кој таа беше именувана иззмени се сите овластувања на редовното Јавно обвинителство на РМ, па нема обвинител кој е непосредно надреден на Јанева.

Независното тело на обвинителите, како што потврдија и минатата недела, реши да побара отчет од Јанева откако таа самата, а претходно и Заев, ги потврди сомневањата во јавноста дека не постои записник за примопредавањето на 30 декември, што според Законот за кривичната постапка е задолжително. Откако ќе се добијат одговорите од Јанева, Советот на јавните обвинители ќе треба да реши дали ќе води дисциплинска постапка против обвинителката за несовесно и нестручно работење, што би можело да доведе до нејзино разрешување.

Пред една недела Јанева самата потврди дека свесно не составила записник од предавањето на материјалите од Заев бидејќи, според неа, за тоа немало потреба.

Материјалите што се доставени се предадени по претходно барање на јавниот обвинител упатено во согласност со член 287 од Законот за кривичната постапка. Во согласност со овој член, не се бара составување записник, а и ако побарате информации за начинот на постапување во јавните обвинителства кога се примаат докази по овој член, ќе наидете на истиот одговор и на истата пракса на работење, тврдеа од специјалното обвинителство.

Од специјалното обвинителство претходно открија дека Заев предал шест картонски кутии во кои наводно имало транскрипти и еден хард диск наводно со снимки од незаконски прислушувани разговори, но останува непозната нивната содржина.