Русија се согласи да бидат одложени планираните мултилатерални преговори за постигнување мир во Авганистан во нејзината престолнина Москва во кои требаше да бидат вклучени и претставниците на побунетото радикално движење Талибан, на барање на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, објави во понеделникот руското министерство за надворешни работи.
Руската дипломатија покани претстаници од дванаесет земји и на талибаните во Москва, на преговорите кои требаше да се одржат на 4-ти септември.
Меѓутоа, кога талибаните, кои инаку со помош на САД пред речиси четири децении кренаа бунт против советската интервенција во Авганистан кога и ја освоија власта а потоа водеа фракциски војни, ја прифатија поканата на Москва, учеството го одби владата во Кабул, со образложение дека мировните преговори со бунтовничаката исламистичка групација мора да ги води директно Авганистан.
Официјален Кабул пред неколку дена рече дека нема да учествува во мировните преговори во Русија, бидејќи владата сака директно да разговара со талибаните, без индиректно учество на странски сили, иако на нејзината територија повеќе од деценија и пол по инвазијата се стационирани војските на САД и НАТО.
Подоцна неименуван странски дипломат во Кабул, чијашто земја е повикана на конференцијата во Русија, за Reuters изјави дека Русија сега треба „повторно да размисли за плановите да се разговара со талибаните“.
Аналитичарите сметаат дека Русија, со поканата за талибаните сака да го зајакне своето влијание во регионот и да ја поправи својата слика во Авганистан која ја влече уште од времето на Советскиот сојуз.