Одложени изборите на нестабилниот косовски север

 

Косовската претседателка Вјоса Османи во саботата објави дека локалните избори во областите со мнозинско српско население на северот на поранешната српска јужан покраина која во 2008 година едногласно со поддршка на Западот прогласи независност, ќе бидат одложени до април, потег што има за цел да ги намали етничките тензии коишто ескалираа последните месеци по некои потези на владата во Приштина на премиерот Албин Курти.

Српските градоначалници во општините на северот на Косово, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, поднесоа оставки во ноември во знак на протест поради одлуката на приштинските власти да ги замени регистарските таблички издадени од Белград со оние издадени од Приштина, кои според Белград не се во согласност со постигнатите договори со посредство на Брисел.

Изборите беа закажани за 18-ти декември, но Србите рекоа дека ќе ги бојкотираат.

„За да се обезбеди големо учество на овие избори, локални и странски набљудувачи… моја оцена е дека е неопходно одложување“, изјави претседателкаа Вјоса Османи на новинарите по средбата со лидерите на политичките партии.

Посочи дека изборите ќе се одржат на 23-ти април следната година.

Србите од северот во саботата ги блокираа главните патишта во областа во знак на протест против апсењето на поранешен припадник на косовската полиција, кој ја напушти својата функција минатиот месец заедно со другите етнички Срби, како и операции на косовските безбедносни сили во мнозински српските општини, каде што, според српската страна немаат мандат и се во надлежност на меѓународните сили во мисијата на КФОР.

Сирените се огласија во северниот дел на Митровица и соседното Звечане, додека камиони и приколки беа користени за блокирање на патиштата.

Шефот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека поранешниот полицаец Дејан Пантиќ бил приведен на границата со Србија кога се вратил од пазарење.

„Станува збор за брутална одмазда и заплашување од страна на (косовскиот премиер Албин) Курти, кој сега одлучи да ги прогонува српските полицајци без никаква основа и докази“, се вели во изјавата на Петковиќ.

Претходно, косовската полиција уапси уште еден Србин под сомнение дека учествувал во наводен вооружен напад врз полициска патрола. Во четвртокот, според властите во Приштина, еден полицаец беше ранет во напад врз патрола, откако полициските редови на северто беа засилени со несрпски офицери по масовните оставки.