Одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошковски на 18 мај

Врховниот суд во Атина одлуката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски ќе ја донесе на 18 мај, одлучил судскиот совет на денешното рочиште кое се одржа зад затворени врати, а по поднесена жалба од нивните адвокати, јави дописникот на МИА.

Рочиштето, како и тоа од минатиот месец се одржа зад затворени врати, по барање на тимот од двајцата грчки адвокати на Грујевски и Бошковски. Ваквото барање до шесточлениот совет на судии и обвинителот, адвокатите го образложија со тоа дека станува збор за политички прогон и се обвинети за политички криминал, нешто со што тие како одбрана не се согласуваат, и објаснија дека во исказот што ќе го дадат има прашања коишто се доверливи, коишто не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата.

Затоа освен нив, во судницата беа нивните адвокати, судската полиција како и адвокат од Македонија, кој е сведок во случајот.

На 17 во Солун е закажано рочиште за фалсификуваните патни исправи на двајцата обвинети, од кое може да зависи одлуката на Врховниот суд. Голема е веројатноста судењето да биде одложено бидејќи двајцата се во затвор во Атина.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три одвоени проци. Освен за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, кое е три пати одложено. Вториот случај е по поднесното барање за азил од 29 ноември, но веќе еднаш е одложено.