Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за забраната за влез на Европејците од Шенген зоната, како и забрана за авионските врски со Европа, силно ќе се одрази на авионскиот и туристичкиот сектор во Франција, јави дописникот на МИА.
Според проценките на француските туристички агенции, 100.000 Французи се погодени од забраната за влез во САД. Тие сметаат дека одлуката на Трамп е „вистинска катастрофа“ за нив, особено ако се знае дека очекуваа меѓу 300.000 и 400.000 Французи да патуваат за САД во наредните три месеци.
Од друга страна околу 15 отсто од странските туристи кои доаѓаат во Франција се американски туристи.
-Прво, ќе има многу откажани летови, бидејќи дневно има 52 повратни летови меѓу Франција и САД, што месечно претставува околу 600 000 патници. Одлуката е со тешки економски последици, која ќе приземји многу авиони, вели Жил Гослан, генерален на Авиареп, кое ги претставува странските авио компании во Франција.
Според неговите проценки, месечната загуба на авиокомпаниите може да биде околу 400 милиони евра, со оглед дека многу авиони ќе бидат приземјени поради прекинот на летовите кон САД.
Во секторот на авиокомпаниите и туризмот во Франција директно и индиректно зависат околу еден милион работни места.
На однос на епидемијата, во Франција се откриени 2281 случаи на заразени со Ковид-19 од кои 48 се смртни случаи.
Најголемите жаришта на коронавирусот се идентификувани во Оаз, Горна Рајна околу Мулуз, Коризка и Херо. Тука се затворени сите училишта, а во Париз е затворен и универзитетот Толбијак каде еден професор бил заразен. Кај станарите на старските домови и нивните роднини се појави загриженост по забраната за посети.
Вечерва на Французите им се обраќа и претседателот Емануел Макрон, во обид да ги смири нивните грижи.