Одмереноста и прецизноста на Мицкоски го нокаутираше ,,приземното” ниво на Заев

Повторно телевизиското соочување меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата не донесе вистинско презентирање на изборните понуди кои требаше да ни ги претстават Христијан Мицкоски и Зоран Заев, благодарејќи на стратегијата што ја примени претседателот на СДСМ, да се оневозможи развивање вистинска дискусија по клучните теми.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно водејќи се од впечатоците кај аудиториумот по претходните вакви соочувања, а кои беспоговорно одеа во полза на Мицкоски, настојуваше да го зачува нивото на дебатата, достојно за личностите кои претендираат да ја водат земјата. Притоа, Мицкоски демонстираше стабилност и концентрација на темите со голема важност за иднината на државата.

Наспроти тоа, пиарот на СДСМ, апсолвирајќи ги недостатоците кај Заев, склоноста за давање произволни изјави податоци и над сѐ промовирајќи се себиеси како неприкосновен мајстор на гафовите, јасно настапот на својот лидер го ограничи на директни наргументирани напади кон политичкиот опонент на ниво на прашање. Целта недвосмислено беше со навреди, обвинувања, влетувања во зборот на соговорникот да се „потроши“ времето во кое требаше да се елаборираат ставовите по круцијалните прашања.

Тоа најдобро се забележа во моментот кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашната дебата на ТВ 24 телевизија го праша Заев дали пред македонската јавност ќе каже дека ќе се откаже од Гоце Делчев, на што Заев одби да одговори.

Имено во сетот прашања за надворешна политика, Мицкоски рече дека ситуацијата е хаотична благодарејќи на владата водена од СДСМ, затоа што во моментов се преговара за македонскиот јазик и за јунаците од македонската историја.

„Еве сега пред јавноста Заев нека каже теоретски дали може да прифати дека Гоце Делчев не е Македонец и дали би се согласил дека нашиот македонски мајчин јазик не е македонски“ праша Мицкоски, а Заев пак од своја страна одби на одговори и рече дека тоа било „извртување на вистината“ без да појасни што подразбира под тоа.

Во тој стил, Заев си дозволи во дебатата да ги вмеша и родителите на Мицкоски, кои како што претходно потврдија од партијата се позитивни на новиот коронавирус.

Додека Мицкоски хируршки прецизно ги апострофираше слабостите во системот и на кој начин владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се фати во костец со нивното елиминирање, Заев кој трета година е на власт демонстрираше дека нема никаква визија ниту за идниот развој на државата, како и дека во изминатиот период го водела само стихијата. Поради нервозата која Заев не можеше да ја сокрие, предизвика да го симне своето ниво и да престане да го персира соговорникот, како и да користи погрдни изрази.

Заев папагалски продолжи со истите проѕирни обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ повторувани со години само воопштено презентирајќи ги заложбите од кампањата на неговата партија, кога од страна на Мицкоски беа највени три големи инвестици на мултинационални компании во првите сто дена од новата влада.

Од страна на Мицкоски беа посочувани и работите кои го обременуваат македонскиот судски и обвинителски систем, на кои неговиот соговорник беше принуден повторно да го употреби својот арсенал од излитени обвинувања.

Меѓутоа, и во таквата стратегија и покрај тоа што по три дена молк дури денеска во смисла на подготовка за дуелот на социјалните мрежи беше оркестрирана кампања на СДСМ, а искривоколчено толкување на снимката со црногорскиот биснизмен Миодраг Давидовиќ Дака, Заев беше принуден да признае дека навистина се сретнал со овој, во најмала рака контоверзен бизнисмен, кој во медиумте во регионот е посочуван како финансиер на обидот за преврат во Подгорица и со врски со руското воено разузнавање. Заев, исто така, не можеше да избегне да признае дека не постои никакво запис дека тој го пријавил случајот „Рекет“ во Јавното обвинителство.

Севкупно, и ова телевизиско соочување на Мицкоски и Заев покажа дека станува збор за два дијаметрално спротивни профили на личности и интереси за учество во политиката.

Тоа го покажаа и двете анкети кои се водеа на социјалните мрежи во текот на самата и непосредно по завршувањето на дебатата, според кои Мицкоски беше во водство со 90, односно 74 отсто, додека Заев имаше 10 односно 26 отсто гласови соодветно. Дури и да станува збор за ангажирање на партиското членство во овие гласања, резултатите јасно укажуваат кој од двајцата лидери всушност може повеќе да мотивира во моментов.