Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика колективниот Запад да се вклучи во конфликтот со Русија и да го заштити Киев слично како што му помагаше на Израел за време на иранскиот воздушен напад во текот на викендот.
Зеленски го упати апелот во објава на Телеграм, со пофалби за „сојузничката акција“ за помош на Израел. Според израелските и западните тврдења, огромното мнозинство од проектилите истрелани од Иран биле соборени дури и пред да стигнат до воздушниот простор на земјата, првенствено од американски и британски авиони.
„Тоа покажа колку навистина ефикасно може да биде единството во одбраната од теророт кога се заснова на доволна политичка волја. Израел, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Франција и Јордан дејствуваа заедно и со максимална ефикасност“, вели Зеленски.
Тој рече дека „никој не бил вовлечен во војна“ поради акцијата против Иран, притоа истакна дека „Израел не е членка на НАТО, така што не е потребна никаква акција, како што е активирањето на член 5“. Зеленски потоа го повика колективниот Запад да ѝ обезбеди на Украина исто ниво на поддршка и да ја заштити од руските напади.
„Европското небо одамна можеше да го добие истото ниво на заштита доколку Украина добиеше слична целосна поддршка од своите партнери во пресретнувањето на беспилотни летала и ракети“, рече тој, ветувајќи дека ќе го покрене прашањето со поддржувачите на земјата.
Во текот на конфликтот, Киев постојано ги повикува западните земји да обезбедат заштита од руски воздушни напади на еден или друг начин, сè до воспоставување зона на забранети летови над Украина, наметната од НАТО.
Овие идеи, сепак, никогаш не се остварија поради стравувањата дека таквите потези ќе го вовлечат Западот во сеопфатна војна со Русија. Москва постојано предупредуваше дека таквите обиди од која било страна ќе ги третира како директен влез во конфликтот на страната на Киев.