Односите на Македонија и Бугарија се донесени во апсурдна ситуација

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, вели дека не е изненаден од ставот на Бугарската академија на науките (БАН), со кој се негира постоењето на македонскиот јазик, објави Дојче Веле.

„Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија“, вели Ѓоргиев.

Според него, ваквата атмосфера доминирала и на состаноците на Комисијата. Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.