Управниот одбор на Глобалниот сојуз за вакцини (GAVI) одобри дополнителни 775 милиони американски долари за испораки на вакцините против коронавирусот за сиромашните земји во следните две години, објавено е во петокот.
„Вкупната сума на достапните средства, за да се покријат трошоците за испораките на вакцините, ќе изнесуваат 925 милиони долари“, стои во соопштението на GAVI.
Иницијативата COVAX, со којашто заеднички управуваат GAVI и Светската здравствена организација (СЗО – WHO), испорачала 90 милиони дози од вакцините во 132 земји во светот од февруари годинава, но се соочува со проблемите во синџирот за испорака, од кога Индија, како најголем производител на вакцини во светот, го суспендираше извозот на вакцините.
Во моментов се прави обид за забрзување на вакцините и во COVAX проценуваат дека ќе ги исполнат целите за испорака на 1,8 милијарди дози од вакцините во земјите со ниски примања во првото тримесечје од следната 2022 година, се додава во соопштението.
Управниот одбор на GAVI, исто така, постави нови услови за пристап до вакцините со коишто настојува да ги одврати земјите со средни приходи од учество во иницијативата, со инсистирање да платат за вакцините во COVAX во целост и однапред.
„Почнувајќи од 2022 година, моделот ќе им овозможи на учесниците кои се самофинансираат и ои се потпираат на институцоите за пристап до дозите да продолжат со набавка на вакцините преку COVAX под ревидираните услови и одредби“, се наведува во соопштението.
Во вторникот агенцијата Reuters, цитирајќи интерни документ на GAVI, објави дека со промените се настојува да се намалат финансиските ризици за COVAX, да се зголеми фокусот на земјите на коишто вакцините им се најпотребни и да се намали учеството на богатите земји.
Во GAVI процениваат дека бројот на земјите учесници во ваквата шема може да се намали на 120 до 130 држави следната година, од 190 претходно.
Земјите во Латинска Америка и на Блискиот исток, како и земјите како што е Јужноафриканската Република, би можеле да се соочат со поголемите трошоци за пристап до шемата, и би требало да позајмуваат пари за да обезбедат дози. Меѓутоа, најсиромашните, повеќето африкански и јужноаазиски земји, ќе имаат исти услови.