Одобрено е обвинението против Мухамед Зеќири

Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири доби обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата, а за кои во обвинението се тврди дека се направени спротивно на Законот за јавни набавки и дека со нив е оштетен државниот буџет за околу 1 453 418 евра.

Одобрено е обвинението против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, соопшти Основниот кривичен суд.

– Советот за оценка на обвинителан акт постапувајќи по поднесеното обвинение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со КО. Бр. 59/22 против М.З., кој се товари за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 вв. со ст.3 в.в со ст.1 в.в со чл. 45 од КЗ, а поврзано со соопштението на надлежниот обвинител објавено на 04.10.2022 година:

https://jorm.gov.mk/obvinitelen-akt-protiv-visok-vladin-funkczioner-za-zloupotreba-na-sluzhbena-polozhba-i-ovlastuvane/ ценејќи ги сите факти и докази во обвинението, донесе решение за оценка со кое ги одби доставените приговори, а актот го прифати во целост, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Согласно оценетиот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со КОК бр. 193/22 и тој е распределен со АКМИС – системот на понатамошно постапување кај судечки совет. Терминот за судење ќе биде достапен на календарот за судење на веб страницата на судот.

Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири доби обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата, а за кои во обвинението се тврди дека се направени спротивно на Законот за јавни набавки и дека со нив е оштетен државниот буџет за вкупно 89 385 255 денари (околу 1 453 418 евра).

Зеќири со обвинението се товари за повеќекратно извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба.

Првиот договор за кој се гони ексгенералниот секретар е за консултантски услуги во врска со АД „Пошта на Северна Македонија“, а за која постапка се осомничени и двајца хрватски државјани кои се недостапни за македонското обвинителство. Договорот бил потпишан на 4 мај 2021 година, склучил договор за консултантски услуги вреден 795 000 евра.

Вториот договор за кој се гони Зеќири, пак, е за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Железници“. Тој бил склучен еден месец со друга фирма на 23 јули 2021 и бил во вредност од 772 400 евра без ДДВ.

Зеќири на функцијата генерален секретар беше назначен во ноември 2020 година, а дојде на местото на Драги Рашковски, против кого веќе се води судски процес за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари во случајот со набавката на софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.