Турција сè уште чека САД да ја одобрат продажбата на осовременетите борбени авиони „F-16“ пред парламентот во Анкара да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, изјави во средата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
„Очекувам нешто од вас“, рече Ердоган при враќањето од Катар, мислејќи на САД. „Одобрете ја оваа (продажбата на ‘F-16’) во вашиот Конгрес и ние истовремено и заедно ќе ги преземеме овие чекори“, го цитира турскиот претседатекл неговиот кабинет за комуникации.
Останува нејасно дали и кога Конгресот на САД ќе постапат по планот. Американскиот претседател Џо Бајден ја поддржува продажбата, но сѐ уште има одредено противење во Конгресот.
Вашингтон е во повеќегодишен спор со Анкара, обвинувајќи ја турската власт за недемократски процеси. Односите се заострија по неуспешниот обид за воен удар во Турција од јули 2016 година, и откако САД одбија да ѝ го предадат на Анкара исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кого турските судови го гонат како водач на пучот и создавање тероритстичка организација (FETO) која ја поткопува турската држава. Тензиите резултираа со одредени американски блокади, исклучување на Турција од скапиот проект за борбените авион „F-35“, со критика за Анкара дека ги набавила руските противоздушни системи „С-400“, откако беше одбиена од своите западни партнери во НАТО.
Ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО во турскиот парламент се чека од октомври кога Ердоган го испрати барањето, по повеќемесечно противење поради обвинувањето дека Стокхолм им дава политичка заштита на лицата и групациите коишто Анкара, но и САД и НАТО ги сметаат за терористички.
Покрај тоа Турција е гневна и поради дозволите на шведските власти за протести против Ердоган како и на манифестациите за јавно сквернавење на светата муслиманска книга Куранот. Анкара, исто така, не го ратификуваше приемот на Шведска во НАТО и поради нејзината забрана за извоз на оружје во Турција, пречка што беше надмината во ноември.
Сојузниците на НАТО неодамна го изразија своето разочарување од долгиот процес во Анкара. Шведска покрај од Турција, сѐ уште чеа на ратификација на барањето за членство и од Унгарија.