Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на поранешниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, и му определи мерки на претпазливост одземање на патната исправа и повремено јавување во судот.
Претходно, од Обвинителството соопштија дека надлежниот јавен обвинител доставил предлог до Основниот кривичен суд Скопје за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост за поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, за кого се води истрага за злоупотреба на службената положба.
Како што информираа од Основното јавно обвинителство Скопје, во тек се активности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција.
„Основното јавно обвинителство Скопје против наведеното лице води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост. Во тек се активности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Двете институции ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, стои во соопштението од ОЈО.
Според неофицијалните сознанија до коишто претходно во текот на денот дојде НетПрес, станува збор за случај во кој e причинета штета од два милиона евра. Се работи за приватна компанија којашто изведувала работи во ТИРЗ зоните во Штип и Струмица.
Случајот го води Финансиската полиција, а како што неофицајлно дознаваме се бара итно замрзнување на имотот на компанијата „Зобек Мининг Груп“.