Одвојувањето на Западот од Кина би била „историска грешка“, предупреди Ванг

Кога Кина и САД соработуваат може да се постигнат големи работи за двете земји и за целиот свет, изјави во саботата кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и оние кои сакаат да се одвојат од Кина ги предупреди дека ќе направат „историска грешка“.

Обраќајќи се на годишната меѓународна безбедносна конференција во Минхен, Ванг на западните државници, дипломати и воени експерти им порача дека Кина ќе ги брани своите легитимни интереси и права, но и дека ќе дејствува со чувство за одговорност за историјата, својот народ и целиот свет.

„Сакаме да работиме на унапредувањето на билатералните односи со САД врз основа на меѓусебното почитување, мирољубивата коегзистенција и соработката“, рече шефот на кинеската дипломатија.

Зборувајќи за односите на Пекинг со западна Европа, Ванг рече дека „императив“ е двете страни да се ослободат од геополитичките и идеолошки дистракции.

„Мораме едни во другите да гледаме партнери, а не ривали“, истакна Ванг.

Во однос на Русија, Ванг рече дека станува збор за соседот со кој Кина има најголема копнена граница и со кој односите стабилно растат врз принципите на неконфронтација и ненапаѓање трети страни. „Тоа ѝ служи на стабилноста во азиско-пацифичкиот простор и во светот“, рече кинескиот министер за надворешни работи.

Ванг повтори дека Тајван е неделив дел од кинеската територија и дека „тајванските прашања се кинески внатрешни работи“, „За да се одржи мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец мора да се почитува принципот на една Кина и да се отфрли независноста на Тајван“, истакна шефот на кинеската дипломатија.

Нудејќи поблиски односи, Ванг истовремено го предупреди Западот дека ќе згреши доколку се одвои од Кина во има на наводното намалување на зависноста од оваа економска велесила.

„Кој и да се обиди на десиницизација во името на намалување на ризиците ќе направи историска грешка. Светот е голем океан кој не може да се подели на изолирани езера. Како патници на истиот брод, светот трева да го направиме попредвидлив а иднината посветла“, заклучи кинескиот министер за надворешни работи.