Одвојувањето од домашни миленици може да предизвика здравствени ризици и психичко нарушување

Новото истражување го расветли „погубниот ефект“ на насилното одвојување на една личност од домашното милениче, ситуација која може да донесе зголемени здравствени ризици и психолошка штета за луѓето и животните.

„Нашите резултати откриваат дека силната емоционална врска меѓу човекот и животното може да резултира со ранливост и на двајцата во околности кога таа врска е загрозена“, рече Џасмин Монтгомери од Универзитетот Џејмс Кук во Австралија.

„Кога луѓето се принудени да се разделат во контекст на кризна ситуација, како што е природна катастрофа, бездомништво или семејно насилство, тоа може да резултира со психолошки проблем и ризик за нивното здравје, а благосостојбата и безбедноста се навистина загрозени“, открил научниот тим.

Влијанието е заемно, појаснуваат научниците, така што и миленичињата се сериозно погодени кога живеат во домови со семејно насилство кое често резултира со злоставување или смрт.

Ваквото раздвојување поради немањето сместување за домашни миленици, како и ставот дека благосостојбата на луѓето е пред благосостојбата на животните во вонредна ситуација често може да се избегне.

Научниците велат дека луѓето со силна емоционална врска со домашното милениче имаат поголема веројатност да останат во опасни ситуации, како на пример доколку не можат да се евакуираат заедно за време на природна катастрофа или ако се плашат дека бегството од настилна врска ќе резултира со одвојување или повреда на миленичето.

Истражувањето опфати податоци собрани во текот на 27 години во бројни студии и написи и беше објавено во Anthrozoos, списание кое се занимава со интеракциите меѓу луѓето и животните.