Офицер на иранската Револуционерна гарда убиен во израелски воздушен напад во Сирија

Висок воен советник на иранската Револуционерна гарда е убиен во понеделникот во израелски воздушен напад во близина на сирискиот главен град Дамаск, соопштија три безбедносни извори и иранските државни медиуми.

Изворите изјавиле за Reuters дека станува збор за воениот советник Сајед Рази Мусави, кој бил одговорен за координација на воениот сојуз меѓу Сирија и Иран.

Иранската државна телевизија ја прекина својата редовна информативна програма за да објави дека Мусави е убиен, опишувајќи го како еден од највисоките советници на гардата во Сирија. Во прилогот на телевизијата беше наведено дека Мусави бил „меѓу оние кои биле со Касем Сулејмани“, шефот на елитните гардиски сили убиен во напад на американско беспилотно летало на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина Багдад во 2020 година, што предизвика ирански ракетирања на американските воени бази во соседен Ирак а тогаш во последен момент беше избегнат директен воен судир меѓу САД и Иран.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека убиството на Мусави ја покажува слабоста на Израел.

„Овој чин е знак на фрустрацијата на ционистичкиот режим и (неговата) слабост во регионот“, го цитираат Раиси иранските медиуми кој додал и дека Израел „сигурно ќе плати“ за тоа.

Револуционерната гарда соопшти дека Израел ќе настрада поради убиството на бригадниот генерал Мусави.

Израелската војска веднаш не го коментираше инцидентот. Израел изминатите години почнувајќи од 2011-та изведе стотици воздушни удари во Сирија гаѓајќи позиции на владините сили и на сојузничките шиитски милиции од Либан, Ирак и Иран, во прв ред на либански Хезболах. Меѓутоа, израелската војска никогаш, или многу ретко, ги потврдува таквите напади.

Иран испрати стотици гардисти како воени советници да обучуваат и организираат илјадници шиитски борци од Ирак, Авганистан и Пакистан за да ѝ помогнат на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад во војната која во пролетта 2011 година ги започнаа сунитските бунтовници и сунитските џихадисти како Ал Каеда и Исламската држава со поддршка од западните земји, кои бараа смена на Асад кој ги оддржуваше децениските тесни врски со Русија.

Борците од влијателното либанско движење Хезболах, исто така, историски тесно соработува со иранските воени команданти во Сирија. Единиците на Хезболах повторно во понеделникот размениле оган со израелската војска по должината на границата со Либан, соопштија двете страни.

Хезболах соопшти дека пукал од јужен Либан кон израелските единици во Мисгава во северен Израел и Беит Хилел во Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Ираелската војска објави дека во текот на ноќта и во раните утрински часови во понеделникот, израелски воени авиони ги нападнале базите и инфраструктурата на Хезболах во јужен Либан. Израелски тенкови отворија оган врз цели на Хезболах во јужен Либан подоцна во понеделникот. Сирените предупредуваат за можни ракетни напади се огласија попладнето во Рош Ханикра на брегот на Средоземното Море.

Ниту една страна не даде информации за жртви.