Официјален Белград тврди дека имало испланиран напад врз државата Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ситуацијата во врска со нападот врз собранието на Белград била разгледувана на седница на советот за национална безбедност доцна ноќта во неделата.

„Анализиравме сѐ што се случуваше. Имаме докази дека насилниот протест организиран од функционерите и поддржувачите на листата ‘Србија против насилството’ беше однапред подготвуван. Државата ќе реагира во согласност со Уставот и законите. Никој нема право да ја урива нашата куќа и да го уништува имотот на граѓаните“, порача Вучиќ.

Челникот на Бирото за координација на службите за безбедност и шеф на дипломатијта Ивица Дачиќ изјави дека за понеделник во 15 часот закажал седница на тоа тело, со шефовите на службите и надлежните обвинители. Дачиќ наведе дека треба да се раздвои што се политички собири а што „упад во државни институции и што е уривање на уставниот поредок“.

„Тука станува збор за уривање на државниот поредок и затоа државата има не само потреба, туку и задача да реагира“, рече Дачиќ.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека руските служби за безбедност имале информации што се подготвува во Белград и им ги доставиле на српските служби.

„Тоа веројатно нема да им се допадне на овие од Запад, но чувствувам дека е важно да се застане во одбрана на Србија и да им се заблагодарам на руските служби за безбедност кои со нас ги споделија информациите“, изјави Брнабиќ.