Екс-стратегот на Јувентус, Антонио Конте е назначен за нов предводник на италијанската фудбалска репрезентација. Она што долго време се најавуваше, вчера и се реализира – младиот и амбициозен тренер седна на „жешкото столче“ на „азурите“ и доби двегодишен договор според кој ќе заработи 3,5 милиони евра.
„Антонио Конте е нов селектор на Италија. Новиот претседател Тавекио разговараше со Конте телефонски ова утро, по што се финализираа сите деталји и официјално се договори соработката. На селекторското столче според договорот Конте ќе седи до 1 јуни, 2016 година“, се вели во соопштението на федерацијата.
Како нов селектор на Италија, Антонио Конте ќе биде презентиран на 19 август.