Официјално започна предизборната кампања во Словенија

Предизборната кампања за парламентарните избори во Словенија коишто ќе се одржат на 3-ти јуни, официјално започна во петокот а до полноќ во четвртокот кога истече рокот за поднесување кандидатури, свои кандидатски листи поднеле 25 политички партии и групации, потврди државната изборна комисија.

Исправноста на поднесените кандидатури по изборните единци ќе биде утврдувана до 13-ти мај, а јавните соочувања во електронските и другите медиуми започнуваат на почетокот од следната седмица.

Околу 1,6 милиони гласачи на деветтите парламентарни избори во Словенија од осамостојувањето на државата ќе го одредат идниот состав на парламентот, по што ќе биде појасно дали постојат шанси за составување идна владејачка коалиција.

Државниот збор, што е официјален назив за словенечниот парламент, го сочинуваат 90 пратеници од кои двајца се избираат во посебните изборни единици во кои гласаат само припадниците на италијанското и унгарското малцинство, кои исто така, добиваат свои политички претставници, додека другите малцинства немаат загарантирано право на активно политички претставување бидејќи Уставот на Словенија ги третира како „неавтохтони“, без оглед на нивната бројност.

Сегашната владејачка коалиција на премиерот Миро Церар, составена од неговата Партија на модерниот центар (SMC), Социјалните деморкати (SD) и Демократската партија на пензионерите (DeSUS) се распадна неколку месеци пред изборите и судејќи според анектите малку е веројатно дека во новиот мандат ќе се повтори во истиот состав.

Најмногу шанси за освојување релативно мнозинство во парламентот, а со тоа и добивање на мандатот за составување влада, според досегашните анкети имаат Социјалните демократи на Дејан Жидан, Словенечките демократи (SD) на Јанез Јанша и Листата на Марјан Шарец, градоначалникот на Камник кој на минатогодишните претседателски избори беше противкандидат на претседателот Борут Пахор.

Меѓутоа, медиумите истакнуваат дека интересот на Словенците за изборниот процес од година в година се намалува, што го потврдуват ланските претседателски избори на кои не излегоа повеќе од половината од регистрираните избирачи, а се смета дека на парламентарните избори одѕивот може да биде меѓу 50 и 60 отсто.