Ограбена црква во Гостиварско

Во текот на изминатата недела ограбена е црквата „Св. Богородица“ во село Сретково, гостиварско. Ова е најмалку седмата по ред ограбена црква во последните три месеци.

Како што соопштуваат од МВР, во текот на минатата недела, непозати сторители со употреба на подесен предмет и физичка сила делувале на влезната врата, влегле внатре и извршиле пребарување. Од црквата се украдени 500 денари.

По овластување на Јавен обвинител, увид на лице место извршила екипа од полициската станица во Гостивар. Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите, соопштуваат од МВР.

За три месеци ограбени најмалку седум цркви

Инаку, ова не е прв случај да бидат ограбени верски храмови и цркви.

Најчесто од црквите се крадат пари, но и други вредни предмети
Најчесто од црквите се крадат пари, но и други вредни предмети

Во периодот од мај до јули годинава, ако не се земе во предвид последниот случај, полицијата известила за најмалку шест случаи на извршени кражби во цркви во повеќе населени места и градови во државата. Најчесто, крадците го користат моментот кога нема никој во верските објекти и ги вршат кражбите.

На први мај беше ограбена црквата „Св. Јован Крстител“ во село Булачани, а од верскиот храм биле одземени 300 денари.

Неколку дена подоцна беше ограбена црквата Св. Богородица во село Кравари, Битола, од каде биле одземени околу 2.000 денари.

Една недела подоцна беше ограбена и црквата „Свети Никола“ во Пештани, од каде биле одземени 500 денари. Оваа црква, повторно беше ограбена само еден месец подоцна кога од црквата беа одземени околу илјади денари.

При крајот на месец мај кражба се случила и во црквата „Св. Константин и Елена“ во село Мрзенци, гевгелиско, кога непознат сторител од црвата одзел околу илјада денари.

Освен пари се крадат и други вредни предмети

Освен пари, на мета на крадците често се и вредните предмети и икони во црквите.

На 19-ти мај годинава полицијата информираше дека е ограбена црквата „Св. Недела“ во скопското село Катланово, каде од извршениот увид беше констатирано дека крадците украле четири икони.