Ограбил скопјанка, мисијата ја продолжил и на Земјоделскиот факултет

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело – тешка кражба, казниво согласно член 236 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

На 11 февруари, обвинетиот 24-годишниот жител на Свети Николе извршил две временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото кривично дело.

На улицата „Трифун Хаџи Јанев“ во населбата Автокоманда, тој на дрзок начин одзел туѓи подвижни предмети. Кога забележал една оштетена, ѝ пристапил од зад грб, ја исплашил и ја вознемирил, па ја повлекол и ѝ ја одзел чантата што ја носела. Во чантата имало паричник и други предмети со вкупна вредност од 4.500 денари.

Потоа се упатил кон Факултетот за земјоделски науки и храна, лоциран на улица „16-та Македонска Бригада“, ја разбил двојната надворешна врата на амфитеатарот и започнал да пребарува, со цел да пронајде предмети кои би можел противправно да ги присвои. Пребарувајќи, скршил уште четири врати од други простории и претурал, но чуварот го затекнал и го спречил во намерата. Откако бил приведен, полициски службеници кај него ја пронашле претходно украдената чанта.

Ценејќи дека се уште постојат законските основи за кои на обвинетиот во текот на претходна постапка му беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на притворската мерка.​