Ограничено движење на руски дипломати бараат осум министри на ЕУ

Осум министри за надворешни работи на Европската унија повикаа да им се забрани на руските дипломати слободно да се движат низ блокот и да ги ограничи во земјите каде што се акредитирани. Тоа се наведува во писмо до шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Слободното движење на сопственици на руски дипломатски и службени пасоши, акредитирани во една земја домаќин, низ целата Шенген зона ги олеснува штетните активности“, се вели во писмото од 11 јуни, во кој имале увид западни медиуми.

Министрите нагласуваат дека разузнавањето, пропагандата „или дури и подготовката на диверзантски акти се главниот обем на работа за голем број руски „дипломати“ во ЕУ“, и иако протерувањата се важни, заканата останува.

„Сметаме дека ЕУ треба строго да го следи принципот на реципроцитет и да го ограничи движењето на членовите на руските дипломатски претставништва и членовите на нивните семејства само на територијата на државата на нивна акредитација“, велат тие.

„Таа мерка значително ќе го стесни оперативниот простор за руските агенти“, се додава во писмото, потпишано од министрите од Чешка, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Холандија, Полска и Романија.