Ограничувањето на цената на руската нафта повеќе не функционира, предупреди група западни осигурителни компании, истакнувајќи дека ограничувањето само поттикнало повеќе бродови да се приклучат на флотата којашто се обидува да го заобиколи.
За да го ограничи приходот на Москва во војната во Украина, земјите од групата Г7 поставија ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел, заканувајќи им се на превозниците и осигурениците со санкции доколку ги сервисираат поскапите барели. Тие одредија и ограничување за нафтените продукти како што се бензините и дизелот, од 45 односно 100 долари за барел. Сепак, ова ограничување не се однесува на набавките на руската нафта преработена во трети земји.
Лимитот не ја постигна саканата цел, бидејќи Русија почна да транспортира нафта со сопствена флота и бродови кои не се контролирани од Западот, предупреди во писмено соопштение Меѓународната групација на клубови за осигурување и задолжително осигурување.
Изјавата беше поднесена како писмен доказ на сослушувањето во британскиот парламент во вторникот. Групацијата во писмото наведува дека вклучува 12 осигурителни компании во поморскиот транспорт на товар кои покриваат 87 отсто од тонажата на светските океани.
„Заклучокот е дека станува речиси невозможно да се спроведе одлуката за ограничувањето на цената на нафтата, бидејќи сѐ повеќе бродови и поврзани услуги учествуваат во паралелната трговија“, нагласуваат од групата.
„Проценуваме дека околу 800 танкери веќе се повлекле од Меѓународната група на клубови, што е директна последица на воведувањето на горната граница за цената на нафтата“, додаваат од таму.