По физичката пресметка која се случила во кампот на СДСМ пред Владата меѓу нивните симпатизери, во текот на денешниот ден беше мирно. Видлива беше тензијата помеѓу таборите кои беа присутни во кампот, и негодување да говорат пред камерите. Она што го дознаваме од оние кои проговорија е дека пресметката дошла поради недоразбирање помеѓу скопското крило на СДСМ и струмичкото, кое е присутно во кампот уште од почетокот на неговото отворање.
Физичката пресметка која настанала била плод на негодување со актуелните политики и мерки кои ги превзема Зоран Заев, како и неговото инсистирање по секоја цена да се остане во шаторите и покрај тоа што е евидентно дека тоа не дава резултати. Струмичаните присутни во кампот пред Владата тргнале во заштита на Заев и беспоговорно следење на неговите инструкции, при што се истурил гневот од страна на скопското крило, кое ги обвинило струмичаните за узурпација на партијата на сите нивоа, како и нејзино ставање во функција на личните интереси. Очевидец на настанот кој е и кампер пред владата, а доаѓа од скопски Карпош изјави:
– Тука секој ден се струмичаните кои се групираат посебно, а присутен е и братот на Зоран Заев, Вице Заев, како и Цветанка Иванова, нивни луѓе и пријатели. Лесно е им е да протестираат кога поголемиот дел од нив си земаат пари и плати од општината. Не сакам да навлегувам подлабоко, но децата од Скопје се во право кога се лутат дека се узурпира партијата, изјавува камперот на СДСМ за НетПрес.
Инаку од она што го дознаваме, членовите на СДСМ од Скопје претходно се договарале јавно да го изразат својот револт. Тие договарања биле во 20 часот во кафулето „Сото“, кое е во непосредна близина на Владата. Веднаш потоа незадоволството се прелило и во кампот, каде еден од присутните јавно посочил дека СДСМ е партија на членството, а не на тесната клика на Заеви, по што наишол на реакција од кампот посебно од струмичани, кои го нападнале дека не им се потребни штрајкбрејќери по што пробале да го избркаат. Во игра биле пцуења, метални шипки, и фрлање на стаклени шишиња. Пресметката ќе прераснела во многу посериозен инцидент ако не реагирал Миле Зечевиќ, кој ја смирувал ситуацијата. Фрчеле телефонски повици на сите страни, а во смирувањето се приклучиле повеќе луѓе од раководството на СДСМ.
Сигурно алкохолот, како и психотропните супстанци, за кои се претпоставува дека присутни, си ја завршиле работата. Од друга страна локалните станари постојано се жалат поради гласната музика, како и постојаниот неред кој го оставаат зад себе.
Неединството во кампот е индикатор за состојбите и подвојувањата кои постојат во СДСМ и Заев, и се’ погласни стануваат различните табори и двоења на крила.