Новото неделно истражување на јавното мнение на институт ВЦИОМ спроведено од почетокот на руската офанзива во Украина, чии резултати се објавени во петокот, покажуваат дека огромно мнозинство Руси и натаму имаат доверба и ја одобруваат рабатата на претседателот Владимир Путин.
Во периодот од 4-ти до 10-ти април стапката на доверба во Путин изнесувала 81,6 отсто, додека неговата работа на должноста претседател на Руската Федерација го одобруваат 79,6 отсто од Русите.
Истовремено, во истиот период работата на претседателската функција од страна на Путин не ја одобриле 12,9 од испитаниците, а недоверба во него ја изразиле 15,1 отсто.
Анкетата е спроведена телефонски на репрезентативен примерок од 1.600 полнолетни испитаници.
Минатиот петок, поддршката за рускиот претседател Владимир Путин се зголеми од 67,2 отсто пред да ја нареди „специјалната воена оперција“ во Украина на 24-ти февруари, на 81,6 отсто. Тогаш ВЦИОМ објави дека 78,9 отсто од испитаниците во нивната анкета рекле дека ги одобруваат акциите на Путин, наспроти 64,3 отсто во неодамнешната анкета пред офанзивата во Украина. Уделот на Русите кои не ги одобруваат неговите постапки падна од 24,4 отсто на 12,9 отсто.
Податоците на ВЦИОМ не отстауваат многу од резултатите од истражувањето објавено од независниот центар Левада на 30-ти март, во кое уделот на Русите кои велат дека ги одобруваат постапките на Путин се зголеми на 83 отсто од 71 отсто во февруари.
Левада забележа споредлив пораст на рејтингот на Путин во 2014 година кога Русија го анектираше Крим и рускојазичните сепаратисти презедоа контрола врз дел од доминатно рускиот и рускојазичниот регион Донбас во источна Украина со поддршка на Москва.