Собирање ситни политички поени и злоупотреба на чувствата на народот се прес-конференциите кои изминатите два дена ги држи претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО ДПМНЕ Цветан Трипуновски, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски.
Бабовски ги отфрли и последните тврдења на Трипуновски, дека протеински јогурт со зголемено присуство на афлатоксин од Србија е пласиран на македонскиот пазар. Како што објасни Бабовски, се работи за две пратки пробиотски јогурт кои се веќе вратени во Србија.
– Трипуновски воопшто не ги познава процедурите, ниту ја познава проблематиката, не само што ги доведува во заблуда потрошувачите, туку кај нив шири страв за безбедноста на храната која ја консумираат и за нивното здравје. Досега Трипуновски требаше да научи дека пред да се пуштат во промет, уште на граничните премини и на местото на истовар, особено млеко и млечни производи кои се увезуваат од соседна Србија и од БиХ, поради утврдениот ризик од афлатоксин во овие производи, АХВ врши задолжително лабораториско тестирање на секоја пратка која останува под надзор се додека за неа не се добие задоволителен резултат за да се најде во промет. Оттаму, лаички е да се тврди дека проивзодите кај кои е детектирано присуство на афлатоксин над максимално дозволените граници се пуштени во промет – истакна Бабовски.
Во врска со вчерашните наводи на Трипуновски за наводниот протеински јогурт со афлатоксин, Бабовски тврди дека е манипулација.
– Се работи за две пратки пробиотски јогурт, секоја од по 7 053 килограми, односно вкупно 14106 килограми од овој производ со зголемено ниво на афлатоксин, кои во текот на вчерашниот ден се вратени во Србија со согласност на извозникот и на надлежниот орган на Република Србија. Ни случајно овие производи, како што твди Трипуновски, не се нашле во промет, туку биле под официјален надзор се до враќањето. За „канцерогениот“ јогурт со афлатоксин, го повикуваме, бидејќи располага со лабораториските резултати кои имаат и сериски број и лот за секоја земена мостра, а и не и верува на АХВ, слободно да го побара во маркетите – потенцира Бабовски.
Тој рече дека во однос на стравувањето на Трипуновски дека небезбедно млеко со афлатоксини од домашна млекарница се нашло на рафтовите во маркетите, станува збор за небулозно тврдење.
– Утврден е афлатоксин во сурово млеко откупено од домашни производители на сурово млеко – фармерите, во рамки на Мониторинг програмата која ја спроведува АХВ и со задолжителните тестирања. Утврденото присуство на афлатоксин е со т.н. брз тест, по кој е направен и конфирматорен тест од страна на Факултетот за ветеринарна медицина кој беше негативен на афлатоксин. Суровото млеко ни во еден случај, како што тврди тој, не се најде на рафтовите, туку заврши за преработка по задоволителен конфирматорен тест – информира диртекторот на АХВ.
Тој објасни дека мониторинг на сурово млеко за афлатоксин секоја млекарница спроведува на секоја количина сурово млеко откупено од секој производител, а инспекторите на АХВ земаат мостри од збирното откупено млеко од секоја млекарница еднаш месечно поради верификација на оваа активност од страна на млекарите.