Јоханис повторно избран за претседател на Романија

Центристот Клаус Вернер Јоханис го освои во неделата вториот претседателски мандат со голема предност, што според аналитичарите сведочи за желбата на гласачите да го бранат владеењето на правото и борбата со корупцијата, покажуваат две излезни анкети.

Јоханис, шеесетгодишен поранешен професор по физика, освоил меѓу 64,8 и 66,5 отсто од гласовите, и така му го нанел најтешкиот пораз на кандидат на лева партија од падот на комунистичкиот режим пред триесет години. Вјорица Данчила, челничка на Социјалдемократската партија (PSD) и негова главна противкандидатка, освоила меѓу 33,5 и 35,2 отсто од гласовите. Данчила ја водеше романската влада речиси две години, пред во октомври годинава парламентот да ја разреши од должноста.

Партијата PSD која во Брисел ја сметаат за евроскептична, од 1990 година доминира во политичкиот живот на Романија. Но овие резултати укажуваат дека го плаќа данокот со сѐ поголем пад на довербата кај граѓаните, поради некои законски проекти кои беа оценети како обид за слабеење на антикорупциското правосудство и скандалите во кои беа вмешани многу нејзини функционери и пратеници.

Клаус Јоханис, кој беше јасен фаворит на овие избори, беше поддржуван од десетици илјади Романци кои од 2017 година континуирано излегуваат на улиците за да предупредат на реформата во правосудството која ја спроведуваат социјалдемократите.

По изгласувањето недоверба на Данчила, власта ја презема владата на десниот центар под водство на Националната либерална партија (PNL) чиј член беше Јоханис. Меѓутоа, PSD и натаму има мнозинство во парламентот, а следните парламентарни избори се предвидени кон крајот на 2020 година.

Романија, која е со 19,4 милиони жители е седмата во ЕУ според населението, е длабоко поделена на урабните центри во кои животниот стандар се приближува кон европскиот и на руралните области кои се меѓу најсиромашните на континентот. Речиси секој втор Романец живее на село.

Од друга страна, пак, Романија последните години бележи силна стапка на економски раст од 7 отсто во 2017 и 4,1 отсто минатата 2018 година, благодарејќи на зголемувањата на пензиите и на платите во јавниот сектор, за што е заслужна PSD. Но тоа великодушноста ја поттикна загриженоста на ЕУ и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои предупредија на можна експлозија на дефицитот.