Јохансон: Постои „огромен ризик“ од терористички напади во ЕУ

Европската унија во моментов се соочува со зголемен ризик од тероризам поради војната во палестинската енклава Појасот Газа, изјави во вторник комесарката за внатрешни работи на Европската комисија, Илва Јохансон.

„Со војната меѓу Израел и Хамас и поларизацијата што ја предизвикува таа во нашето општество, со претстојната празнична сезона, постои огромен ризик од терористички напади во Европската унија“, рече комесарката пред состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел.

Јохансон се осврна на нападот со нож во Париз во саботата во кој беше убиен германски турист, а двајца други беа повредени, како и на претходните напади во западноевропските градови.

Комесарката најави дека „ќе стави на располагање дополнителни 30 милиони евра за заштита на, на пример, верските објекти“.

Министрите на ЕУ треба да разговараат за безбедноста во блокот во светло на војните на Блискиот Исток и Украина. На дневен ред се и дебатата за Шенген зоната и напредокот во реформите на политиката за азил и миграција.