Охрабрувачка статистика: Се намалува бројот на убиства, лани регистрирани вкупно 20

Во текот на минатата година се регистрирани вкупно 20 кривични дела „убиство“, при што се лишени од живот вкупно 22 лица, покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи.

Бројот на убиствата со години наназад, како што се нотира, е во континуирано намалување, а толку мал број на убиства не се регистрирани ниту еднаш во последниве 25 години. Во споредба со 2012 година, кога беа регистрирани 28 дела, лани намалувањето изнесува 29 проценти. Инаку, најголем број убиства досега е регистриран во 2003 година – 75.

Од минатогодишните кривични дела „убиство“ повеќето се извршени на подрачје на Скопје – осум, потоа по две во Штип, Тетово и Куманово и по едно во Радовиш, Кратово, Велес, Демир Хисар, Гостивар и Кавадарци. По преземени мерки досега се расветлени 15 убиства, а се уште останаа нерасветлени пет убиства, сите извршени на подрачје на Скопје.

Според начинот на извршување, најголем број, односно 12 се извршени со пукање од огнено оружје (пиштол-пет, ловна пушка-четири и автоматска пушка-три), потоа, три убиства се извршени со употреба на тврд предмет, две со употреба на нож, по едно со секира и физичка сила, додека едно убиство е извршено со употреба на стап и физичка сила.

Жртви на овие кривични дела биле 22 лица, од кои 15 од машки и седум од женски пол. Во два случаи се работи за двојни убиства, односно лишени се од живот по две лица. Според возраста, најгоме број од убиените-шест биле на возраст од 41 до 50 години, потоа по четири на возраст од 18 до 30, 31 до 40 години и над 60 години, две жртви биле на возраст од 51 до 60, едно лице било дете, а за едно лице кое е странски државјанин-мигрант не е утврдена точната возраст. Притоа најмладата жртва годинава било осумгодишно дете, кое е убиено од страна на неговиот татко, додека најстарата жртва е 71-годишна старица усмртена од нејзиниот син.

Како сторители на 15-те досега расветлени убиства се јавуваат 18 лица, сите од машки пол, при што 13 од убиствата ги извршиле поединци, едно убиство е извршено од три лица, а при извршување на едно убиство, на сторителот му помагало уште едно лице кое е пријавено за кривично дело „помагање“.

Инаку, по извршување на четири убиства, сторителите си го одзеле животот (три од овие убиства се извршени во кругот на семејството од блиски роднини на жртвата). Според возраста, по пет сторители биле од 18 до 30 години и од 41 до 50 години, четворица на возраст од 51 до 60 години, тројца од 31 до 40 години, додека еден е на 73-годишна возраст.

Што се однесува до мотивите за извршување на убиствата, најголем број од нив, односно седум се извршени во кругот на семејството, поради нарушени меѓусемејни односи (тројца татковци лишиле од живот два сина и една  ќерка, син-мајка, сопруг-сопруга, едно братоубиство, а едно лице, кое било психички растроено си ги убило својата мајка и сестра). Понатаму, две убиства се извршени заради поради претходно настанати расправии, по едно заради нарасчистени имотно-правни односи помеѓу соседи, при извршување на разбојништво и на кражба.