Охриѓанец (47) ја искршил таблата на клубот „Цар Борис Трети“

Четириесет и седумгодишен охриѓанец ја искршил таблата, поставена над просториите на новоотворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, информира  СВР Охрид.

Според соопштението од СВР Охрид, вчера бил извршен разговор со Г.И.(47) од Охрид, при што било констатирано дека тој е сторител на кривичното дело „оштетување“, извршено на рекламна табла со натпис „Цар Борис III“ поставена над објектот од здружението лоцирано во трговскиот центар „Амам“ на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид.

– Во врска со делото, предвидено во член 243 од Кривичниот законик, а во консулатација со јавен обвинител, СВР Охрид до Здружението ќе испрати известување имајќи предвид дека согласно чл.243 ст.3 гонењето за делото се презема по приватна тужба – стои во информацијата на СВР Охрид.

Вчера претпладне со земјоделска алатка е искршена таблата на која стоеше натписот „Цар Борис Трети“, а лицето потоа само се пријавило во полициската станица во Охрид. Рекол дека делото го извршил самоиницијативно, но не ги навел причините.