Охрид доби регионален Центар за деца со аутизам

Охридската Општа болница од денеска располага со современ Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар.

Станува збор за донација на Владата на Република Бугарија, која ги покри трошоците за реконструкција на делот на Детското одделение при Општата болница во Охрид, како и ја обезбеди соодветната опрема.

– Центарот ќе работи во координација со соодветниот во Скопје, со Граѓанската организација „Мојот свет“, со Клиниката за психијатрија и Центарот за ментално здравје. Благодарност до бугарската Влада и бугарскиот народ за оваа помош, што многу ќе значи за регионот оттаму што корисници на новите капацитети ќе бидат околу стотина пациенти од овој дел на земјата – истакна министерот за здравство Венко Филипче на свеченоста по повод отворањето на одделот.

Центарот располага со најсовремена соодветна опрема, што ги покрива сите потреби на децата во подобрување на нивниот психолошки развој, во однос на социјализацијата, сето под надзор на врвни експерти од областа.

Неговиот бугарски колега, министерот Кирил Ананиев, рече дека ваквите прилики се празнични оттаму што, како што истакна, нема похумано и поблагородно дело од помагање на децата со потешкотии.

– Тоа е кауза што треба да ја следиме во животот. Горд сум што бугарската Влада која ја претставувам успеа да ги обезбеди средствата за изградбата на овој центар. Потребни се заеднички напори на сите братски држави од регионот во рамки на своите можности да придонесат за обезбедување услови за рехабилитација и третман на децата неопходни за нивен натамошен развој – рече Ананиев.

Елизабета Ѓорѓиеска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, ја поздрави соработката на министерствата за здравство на двете држави што резултира со вакви и слични проекти, изразувајќи уверување дека овој Центар ќе придонесе за подобрување на здравствената состојба на голем број деца, но и возрасни пациенти.

Потпретседателот на Здружението „Мојот свет“, Весна Стојаноска, им се заблагодари на сите помагатели на нивните активности, како и за конкретната реализација на овој проект.

Новоотворениот капацитет во Охрид располага со соодветно прилагодени тоалети за вработените и за корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети, опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Со децата ќе работат обучени специјализирани едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Центарот е доволно голем во овој миг да ги задоволи потребите на пациентите со тој вид специфични проблеми од сите градови во југозападниот дел на земјата.