Охрид стана бренд на светската туристичка мапа

Охрид стана препознатлив бренд на светскиот туристички пазар. Агресивната промотивна кампања во светските туристички магазини привлекува се поголем број туристи.

На познатите туристички портали се пишува  за  вкусната традиционална храна,  доброто вино, љубезноста, преубавите села  и алтернативниот туризам.

Лидер во развојот на рурален туризам е охридското село Куратица. Таму туристите уживаат во органската локална храна, чистиот воздух и живописната природа.

„Гастрономите отсекогаш најмногу ги интересира што содржи  храната кои зачини се користени. Дали е тоа  произведена храна во градините селски, дали е месото локално многу држат до принципите локални услуги,  локално производство и органско производство што за нив одма значи дека е здраво и дека не е преработено индустриски“, вели Горан Мицкоски   угостител од Куратица.

„Токму овде во Охрид се бележи значителен  пораст на туристите кои подолго се задржуваат што значи дека  се успеа во осмислувањето на една поинаква комплетна понуда“, рече Маријана Петир од Европскиот парламент и претседател на групата пријатели на Македонија

Модерните туристи денес бараат нови  искуства, што е можно повеќе дестинации и туристички производи во едно патување. Затоа најважен е регионалниот настап – повеќе земји со една понуда.

„Регионалните пристапи за привлекување на туристи и регионалните  излегувања на пазар се особено значајни затоа што модерните трендови во денешно време малку бараат стационарен престој, најголем дел од гостите што денес патуваат во светото практикуваат активен туризам“, вели Гоко Апостолов раководител на Секторот за туризам.

За  убавините на Охрид изминатава година имаше десетици написи во светски туристички магазини.