Во Охрид утре ќе се одржи најмасовната верска манифестација, традиционалното фрлање на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление – Водици. Годинава, за разлика од минатите години, организацијата на настанот ја презедоа Општина Охрид заедно со Македонската православна црква, поточно Дебарско-кичевската епархија.
Фрлање на светиот крст во 10 часот кај Градското Пристаниште
Според програмата на манифестацијата осмислена од страна на координативното тело при локалната самоуправа, осветувањето на езерските води и фрлањето на светиот крст ќе биде во 10 часот кај Градското пристаниште. На фрлањето на крстот ќе му претходат свечени литургии по повод празникот во сите парохиски цркви, а поаѓањето на литиите кон градското пристаниште ќе биде во 9:45 часот.
Пријавувањето за фаќањето на крстот започна во петокот во црквите Света Богородица – Каменско, Свети Ѓорѓи, Св.Никола во Долна Влашка маала и Св.Никола-Геракомија, а секој од оние што ќе влезат во водите на Охридското Езеро добива и маица, како подарок од Дебарско – кичевската епархија. Предвидено е во текот на самиот ден Богојавление и оваа година точно на пладне на Сараиште де се одржи и масовно крштевање, во осветените езерски води.
Денот на рибарите годинава повторно на Сараиште
Денот на рибарите – 20 јануари, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител, од оваа година повторно се враќа на локалитетот Сараиште, каде се одржува таа уникатна манифестација – традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест.
Инаку, осум тимови спасители на вода од охридскиот Црвен крст, распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци, како и четири нуркачки тимови ќе се грижат за безбедноста на капачите кои ќе скокаат по Светиот крст. Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со осум медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со два тима на Службата за итна медицинска помош со две амбулантски возила. Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското Езеро кај пристаништето што изнесува 9 степени и екстремно ниската температура на воздухот која би можело да се спушти до десет степени под нулата, апел за пратпазливост до оние кои ќе влегуваат во вода, да се воздржат доколку чувствуваат слабост, додека за оние што ќе решат да се искапат да не се задржуваат во вода подолго од пет минути.
Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.