Охридските угостители објаснуваат зошто се високи цените во локалите

Охридските угостители сметаат дека Охрид летово не е ништо поскап од поголемите градови во земјата, особено споредено со Скопје. Според нив, високите цени се на оние ресторани и кафулиња кои се најекспoнирани на ривиерата и шеталиштето. Локацијата ги диктира цените – или не?

Тоа велат и дека тоа се објекти кои имаат и највисоки давачки, од цена на закуп на локал, до цена на изнајмување простор за урбана опрема…

Велат дека не може ресторан што нуди храна и квалитетна услуга на прв ред до езерото да си дозволи на најубавите пет од десетте маси колку што ги има на терасата да им биде зафатена од гости што не можат да си дозволат да потрошат повеќе, наспроти туристи кои добро знаат дека и самата локација мора да се плати.

Со други зборови, според угостителите, високите цени се за да се одвратат оние гости што сакаат да седат по неколку часа на најубаво место и притоа да поминат со сметка од 500 денари за неколку кафиња.

Како за пример, еспресо во градот може да се пие и за 60 денари, но за истата услуга може да ви наплатат и 150 денари. Цената на пивото исто така многу варира, од 90 денари до 200 денари за половина литар. Чорба може да се јаде и за 160 денари во некои од растораните подалеку од центарот, но за истото јадење може да треба да платите и 360 денари.

Аце Димовски, сопственик на пицерија во центарот на Охрид вели дека цените на услугите се такви какви што се заради многу фактори, најмногу поради зголемите трошоци, како на репроматеријалите, преку поскапата работна сила што се помалку ја има, се до општите давачки.

Како за пример тој посочува дека цената на најбараната пица во неговиот локал е 330 денари, само 90 денари поскапа споредбено од пред 20 години кога истата чинела 240 денари. Тој вели дека тогаш за килограм кашкавал како основна состојка на секоја пица плаќал по 220 денари, наспроти сега кога истиот производ го набавува за двојно повисока цена. Тогаш, како што вели, просечната плата на вработен била девет илјади денари, што сега е трипати повеќе, и тоа во услови кога понудата на пазарот на работна сила е далеку послаба.

– Сите знаат дека пазарот во Охрид е меѓу најскапите во земјата, а ние сите репроматерјали ги набавуваме тука. Доколку се има предвид што само последната година се е поскапено, од кириите на објектите, преку струјата, водата, работната сила, нема логика да се оди со пониски цени. А што се однесува на тоа дали Охрид е скап, тоа останува на самите гости, нивно е да решат каде ќе летуваат и на крајот на краиштата каде ќе седнат да јадат – вели тој.

Јаким Деребан, сопственик на кафуле на Градскиот плоштад во Охрид, вели дека има зголемени давачки кај угостителите, кои муштериите и не ги чувствуваат, а што влијаат врз конечната цена на услугите.

– За закуп на простор од 26 метри квадратни плаќам над две илјади евра годишно сума што мора да се исплати независно куповната моќ на гостите. Поскапувања има кај набавната цена на пијалоците, плаќаме и за ЗАМП, нови давачки кон општината, ред други парафискални издатоци. Најмногу поскапување имаме кај работната сила, со зголемени давачки особено за вработените во недела и за празниците, кога се плаќа двојна дневница, сето тоа влијае и врз конечната цена на услугите, вели тој.

Деребан укажува дека има поголеми поскапувања на набавната цена на производите, особено кај прехранбените продукти, но сепак смета дека има одредени ресторани што претеруваат со цените.

– Тоа што остава лоша слика кај гостите, особено кај оние што години го одбираат Охрид за одмор, а се соочиле со претерано поскапување. Тоа на подолг рок може мошне негативно да се одрази врз севкупната слика за локална туристичката понуда – вели тој.