„Охридско лето“ 61-роденден: МНТ му подари на Фестивалот биста од Ана Липша Тофовиќ

Со традиционално ѓомлезе и роденденска торта, денеска на терасата на Долни Сарај во присуство на министерката за култура Ирена Стефоска, претставници на Македонскиот народен театар, како и бројни љубители и почитувачи на фестивалот, тимот на фестивалот „Охридско лето“ свечено го одбележа 61. роденден.

-Повеќе од половина век фестивалската програма нуди несекојдневни доживувања, настани кои по својот уметнички квалитет и атрактивност го правата „Охридско лето“ најдоброто, како кај нас така и во светот. Секоја година 40-те фестивалски дена се празник на уметноста, рече директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ.

На овој ден, фестивалот доби биста на Ана Липша-Тофовиќ, оперската примадона која во 1961 година го означи почетокот на „Охридско лето. Бистата е излеана во бронза, дело на академик Димо Тодоровски, со наслов „Орфеј на Ана“.

-МНТ на фестивалот му предава биста на Ана Липша Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година со димензии 99х55х32. Во договор со синот на Ана Липша Тофовиќ, кој за жал од оправдани причини не можеше да присуствува на оваа свеченост, МНТ излеа, според оригиналната гипсена биста  три сигнирани копии во бронза од кои едната е во сопственост на д-р Стеван Тофовиќ, една е дел од музејската поставка на МНТ, а една денеска се предава на „Охридско лето“, изјави Ивана Јарчевска, претставник од Македонскиот народен театар.

Според Даница Стојанова, селектор на музичката програма на фестивалот, „Охридско лето“, како духовно пристаниште низ уметноста ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина.

-Годинава „Охридско лето“ го прославува 61 роденден со македонската етно група „Синтезис“. Љубителите на традиционалните звуци со современи аранжмани, вечерва со почеток во 21 часот на Античкиот театар ќе имаат прилика да уживаат со музиката која ги комбинира корените на македонското музичко наследство, користејќи целосен опсег на оригинални музички инструменти. кавал, гајда, тапан, тарабука и тамбура. На тој начин се зачувуваат и промовираат трајните вредности на македонската култура и традиција, истакна Стојанова.

Од името на групата „Синтезис“ на присутните им се обрати Ванчо Јовчев, член на етно-составот, кој изрази благодарност до организаторите за поканата и задоволство што ќе настапат на оваа најмасовна културна манифестација во земјава токму на нејзиниот роденден.