Охриѓанец на Фејсбук се заканувал на пратеник

Охриѓанец добил кривична пријава оти преку Фејсбук се заканувал на пратеник, информираше МВР. Ова е трети случај во изминативе неколку дена полицијата да поднесе кривична пријави за закани преку социјалните мрежи.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против M.K. (27) од Охрид, поради објава на социјалната мрежа Фејсбук со која се предизвикува загрозување на сигурноста на пратеник, односно поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 „Загрозување на сигурност“ од Кривичниот законик на Република Македонија, велат од МВР.

По насоки на Основното јавно обвинителство Охрид, М.К. во понделеникот бил повикан во полициска станица, каде појаснил дека објавата ја направил од својот мобилен телефон. Мобилниот телефон е одземен за понатамошно вештачење.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата [email protected], велат од МВР.