Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со завршните зборови на обвинителството и одбраната, денес заврши главната расправа во судскиот процес против обвинетите: Сопартиецот и соработник на Зоран Заев, Захир Беќири-Чаушот, и Имер Бекири за случајот познат како „Фабрика за афери“.
По денешното рочиште изјава испрати надлежниот јавен обвинител Наташа Гоџоска. Истата ја пренесуваме во целост:
Според Обвинителството, во текот на целата кривична постапка се потврдија сите наводи од обвинителниот предлог против двајцата обвинети. Доказите изведени во текот на главата расправа неспорно ја потврдија основаноста на поднесениот Обвинителен предлог, а со тоа и кривичната одговорност на обвинетите Захир и Имер Беќири за кривичните дела, за кои се товарат со ова обвинение.
Кривичната одговорност на обвинетите е утврдена со материјалните докази: Записници за претрес, Потврди за привремено одземените предмети, Вештачењата и споредбените анализи- извештаи изработени од МВР на РМ, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Одделот за криминалистичка техника и испитувања, голем број на Известувања за извршени проверки, како и со јасните и недвосмислени искази на сведоците и вештаците со кои се надополни во целост фактичката состојба.
Во врска со тврдењето на одбраната дека податоците во компјутерите одземени при претресот биле менувани, Обвинителството очекува Судот да има во предвид дека експертите за компјутерските науки –вештаците недвосмислено потврдија дека евентуално дополнително внесување на податоци во компјутерите на обвинетите не би можело да остане сокриено, напротив истото би довело до оставање на траги врз електронските записи, што во конкретниот случај при вештачењето воопшто не е утврдено.
Инаку, судот утре треба да ја соопшти пресудата за браќата Бекири.