Основните јавно обвинителство сé уште не отвора случај по јавните обвинувања за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, но од таму велат дека внимателно го следат овој случај.
Во моментов, Државната комисија за спречување на корупцијата е единствената институција која отвори.случај, а барање до обвинителството да постапи побара вчера опозицијата.
Од ОЈО велат дека ако се докаже дека постојат елементи за кривично дело и ако има правна основа, тие ќе постапуваат во согласност со законските надлежности.
Од М-НАВ веќе рекоа дека ќе соработуваат со сите истражни тела.
Од Антикорупциската комисија најавија детална истрага за случајот со набавката на радарски систем за Контрола на летање, односно М-НАВ, каде што главниот фокус ќе биде улогата на владиниот функционер Рашковски и неговата улога во потпишувањето на договорот во вредност од 7 милиони евра со италијанската компанија „Леонардо“. Тие веќе ги побарале документите од М-НАВ за набавката. Комисијата ќе ги истражува и причините зошто договорот со компанијата Леонардо, е потпишан во 2018, две години откако фирмата е избрана да го изгради новиот радарски систем.