Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје во предметот Којот донесе Наредба со која се спроведува истражна постапка против 16 лица.
Истражната постапка се води поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти од чл.418-в ст.1, Разбојништво од чл.237 ст.4 в.в. со ст.1, Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл.22 од Кривичниот законик, информираат од Основното јавно обвинителство.
Осомничените подолг временски период како група на организиран начин вршела прифаќање и превоз на мигранти низ територијата на Република Македонија од Република Грција кон Република Србија.
При тоа врз мигрантите има извршено и разбојништва на начин што припадници на групата ги пресретнувале мигрантите и лажно им се претставувале како припадници на македонската полиција при што со употреба на сила им ги одземала паричните средства, мобилните телефони и други подвижни предмети.
Постои основи на сомневање дека истата група го сторила и разбојништвото на 08.02.2016 г. во Велес кога од возило на Агенцијата Перпетум мобиле се одземени 4.000.000 денари, како и дека на организиран начин вршеле недозволена трговија со наркотични дроги и недозволено држеле оружје. Во акцијата е пронајдено дел од оружјето – автоматски пушки, пиштоли и бомби, се вели во соопштението од Обвинителството.
Во рамките на истрагата Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара од надлежниот судија да се определи мерка притвор против 9 лица.
До овој момент постапката е завршена против 3 лица и им е определна мерка притвор во траење од по 30 дена, а за останатите постапката е во тек.