Во Основното јавно обвинителство слабо слушаат, или барем само на едно уво, оти кај нив ретко допира глас за сторено кривично дело, особено за осомничени блиски на или од власта. На другото слушаат подобро, па отвораат истраги кога станува збор за неистомисленици на власта.
Па така јавноста денеска беше информирана дека ОЈО покренало обвинение против актерот и членот на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски за загрозување на сигурноста од чл.144 ст.4 од Кривичниот законик.
Според обвинението, Михајловски на 16.06.2017 година преку својот профил на Фејсбук му се заканил на новинарот Бранко Тричковски дека би можел да го убие без око да му трепне.
И до тука е се во ред. Но не е во ред што ОЈО не отворило истрага, а уште помалку поднело обвинение против истиот новинар, кој се заканил со убиство на неколку политичари.
„Можеби е најдобро Мицкоски да се убие за секој случај: ако ги изневери вмроните, тоа ќе биде од корист за партијата, ако не ги изневери, тоа ќе биде од полза за Македонија!“ пишуваше меѓу другото Тричковски на својот профил на Фејсбук. Таму ги уби и Груевски и го обеси Иванов, но ОЈО остана глуво на овие закани.
Обвинителството денеска се прослави и со соопштението кое се однесуваше на информацијата дека е покрената истрага против Филип Секуловски, осомничен за убиството на Мартин Јанушев во ноември лани.
Иако во јавноста веднаш по убиството Секулоски беше посочен како убиецот на Јанушев, на МВР му требаа две недели да поднесе кривична пријава против него. Во нормални држави досега Секуловски ќе беше осуден, во отсуство барем, оти успеа да избега во странство, а не допрва да се отвора истрага против него, безмалку една година по убиството.
За ажурноста на обвинителството доволно зборува и веста која денеска ја објави Нетпрес. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција речиси 18 месеци води истрага за изборни измами во кои беа осомничени Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Надлежните обвинители ги анализираат прибраните докази, по што ќе бидат донесени соодветни јавнообвинителски одлуки за кои јавноста навремено ќе биде информирана, велат од ОЈО.