Парискиот јавен обвинител изјави дека речиси илјада луѓе, од кои 100 малолетни лица, викендот се задржани во притвор по насилните протести во главниот град на Франција.
Канцеларијата на обвинителството побарала прелиминарно обвинение против лицата за кои се верува дека се одговорни за испишување графити на Ајфеловата кула минатиот викенд.
Против 13 лица веќе е подигнато обвинение за вандализам.
Според обвинителството, поголем дел од уапсените немаат криминални досиеја и повеќето се мажи помлади од 40 години, од различни региони, кои во саботата дошле на протестите во Париз.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе се обрати на нацијата, во обид да најде излезе од кризата предизвикана од движењето „жолти елеци”.
Макрон ќе зборува во 20 часот по локално време (19 часот според зоната GMT). Францускиот претседател ќе претстави конкретни и итни мерки, информира францускиот министер за труд, Муриел Пинко. Сепак, тој ја отфрли можноста дека една од мерките би била зголемување на минималната плата, што е едно од барањата на „жолтите елеци”.
Францускиот претседател Емануел Макрон планира да ги собере националните и локалните власти и да ги слушне нивните предлози за овој „тежок момент низ кој минува нацијата”.
Целта е да се мобилизираат претставници на политички, економски и социјални сили на Франција во обид да се спречат протестите, вели неименуван претставник на Елисејската палата.
Францускиот претседател се подготвува и да објави значајни работи, изјави портпарол на владата ден по насилниот протест на „жолтите елеци” во Франција.
-Претседателот на Републиката, секако, ќе даде значајна изјава, изјави портпаролот Бенјамин Гриво.
Тој не даде детали за моментот или содржината на она што Макрон би можел да го објави.
Соработници на Макрон во петокот рекоа дека претседателот ќе и се обрати на нацијата на почетокот од следната седмица.
Макрон веќе го укина најавеното зголемување на таксите за гориво, но тој потег не стави крај на протестите на членовите на движењето „жолти елеци”, кои бараат пониски даноци, зголемување на минималната плата и пензиите.
Макрон утрово ќе се состане со претставници на синдикатите, работодавачите и локалните власти.
Во саботата „жолтите елеци” организираа протести на национално ниво. Повеќе од 125.000 луѓе излегоа на улиците на француските градови за да бараат повисок животен стандард.