Околу 20 земји од НАТО ќе ја исполнат целта од 2 отсто од БДП за одбрана во 2024.

 

Околу 20 земји од вкупно 31 членка во моментов на НАТО ќе ја постигнат целта оваа година да распределат два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за војската, според извор близок до западната воена алијанса, неколку дена по критиките на Доналд Трамп кон европски земји членки кои недоволно придонесуваат и за сопствената и за колективната одбрана.

Овие проценки во среда треба јавно да ги соопшти генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на состанокот на министрите за одбрана во Брисел, пишува AFP.

Членките на НАТО, од кои 29 се европски земји, се обврзаа да ја постигнат оваа цел уште во 2006 година, но само 11 од нив се на тоа ниво или малку повисоко.

САД тоа го бараат со години наназад преку неколку свои претседатели, а поретходниот претседателот Доналд Трамп, веројатен кандидат за враќање во Белата куќа, бомбастично потсети за та на негов вообичаен начин.

На настан во саботата во сојузната држава Јужна Каролина, Трамп рече дека „нема да ги заштити“ од Русија земјите кои не ги исполнуваат барањата на НАТО за одбранбени трошоци.

По гневните реакции на членките на алијансата, тој тврдеше дека всушност го зајакнал НАТО.

„Го направив НАТО силен“, напиша со големи букви републиканскиот фаворит за претседателските избори во САД во 2024 година на социјалната мрежа Truth Social, која тој ја основа.

„Кога реков дека 20-те земји кои не го плаќаат својот фер дел мора да платат и дека ако не платат, нема да имаат американска воена заштита, парите почнаа да доаѓаат“, рече Трамп.

„По толку години кога САД плаќаа за другите, тоа беше прекрасна глетка“, рече тој.