Околу 750 загинати во африканскиот циклон Идаи

На стотици илјади луѓе им се неопходни итно прехранбени продукти, вода и засолниште откако циклонот Идаи ги погоди африканските држави Мозамбик, Зимбабве и Малави.

До саботата во бурата проследена со поплавите кои ги предизвика и силните врнежи кои гѝ претходеа животите ги загубиле најмалку 746 луѓе, според досега официјалните податоци на трите земји.

Циклонот го погоди африканското копно ноќта на 14-ти март во близина на пристанишниот град Беире во Мозамбик, носејќи обилни дождови и силни ветрови. Бузи и Пунгуе, две големи реки, потоа се излија од своите корита и потопија цели села. Во Мозамбик загинале најмалку 501 лице, повредени се околу 1.500 луѓе, а уништени се стотина илјади домови, со што се зафатени околу 1,85 милиони луѓе.

Бурата на 16-ти март го погоди источниот дел на Зимбабве, каде што уништила голем број домови и предизвика поплави во окрузите Чиманимани и Чипинге. Во оваа земја загинаа 185 луѓе според тврдењата на владата, но агенцијата за миграции при Обединетите нации проценува дека има 259 жртви. Бурата во Зимбабве протера семејства од повеќе од 16.000 домаќинства, а севкупно погоди 250.000 луѓе.

Бурата предизвика поплави и во долните текови од реката Шира во Малави. Во оваа земја регистрирани се 60 жртви, а последиците ги чувствуваат околу 868.000 луѓе.