Дебарското јагне е речиси распродадено, а цената викендов достигнала 190 денари.
Околу 90 отсто од дебарските јагниња годинава ќе завршат на италијанскиот пазар. Досега се извезени вкупно 15.000 што е 70 отсто од вкупниот фонд во Дебар и Центар Жупа. Дел од пласманот е реализиран и во Хрватска, а нешто е продадено и во Грција и Бугарија, вели за МИА претседателот на здружението на сточари „Даши“, Скендер Аме.
Како што вели Аме, извозот почнал лошо, со ниска откупна цена, но сега е нешто подобар.
-Околу 90 отсто од јагнињата се извезоа во Италија. Откупот почна лошо. Првите 50 отсто од количините ги продадовме по 160 денари за килограм жива мера. Сега ситуацијата е малку подобра. Цената достигна 185 денари, а за викендов и 190 денари. Нема јагне, затоа се зголемува цената, истакнува Аме.
Тој смета дека реалната цена на јагнето треба да биде најмалку 250 денари за килограм.
-Добиточната храна е поскапена, пченката за 100 отсто,а луцерката за 120 – 130 отсто. Двојно зголемена е и цената на репроматеријалите. Лани килограм пченка беше 10 – 11 денари, а сега е 22 денари. Кантите за сирење чинеа 75 денари, сега се 170 денари. Една овца бара килограм пченка, а едно јагне 500 грама, објаснува тој.
Според него, сточарите не ги добиваат субвенциите навреме, а кубурат и со работна сила, посебно со овчари, иако платата е 500 – 800 евра. Се намалува и сточниот фонд. Лани во земјава имало 700 000 овци, сега се 100.000 помалку.
-Никој не сака да биде овчар. Повеќето што досега работеа кај нас, заминаа за Германија. Се намалува и бројот на овците. Годинава има 100.000 помалку или 600.000 вкупно, а лани беа 700.000. Две години доцнеа субвенциите. Во 2022-ра земавме субвенции за 2020 година, но не сме добиле за 2021 година, вели Аме.
Ситуацијата со овчото сирење е релативно добра, пласман секогаш има. Годинава, оценува Аме, цената ќе биде повисока, околу 400 денари за килограм, додека лани беше 300 денари.
-Под 400 денари не треба да биде зашто не ќе можеме да ги покриеме трошоците. Кравјото индустриско сирење е 300 денари, а нашето е традиционално, овчо, со 50 отсто подобар квалитет, потенцира Аме.
Во 2021 година цената на дебарското јагне беше 135 до 140 денари за килограм жива мера.