Бројот на пристигнувања на странски туристи во Шпанија во октомври е зголемен за 9,5 отсто во однос на минатата година, односно изнесува 8,96 милиони гости, што претставува најуспешен туристички октомври во историјата на оваа европска земја од почетокот на мерењата во 1995 година, објави Шпанскиот национален институт за статистика (ИНЕ).
Според податоците, Шпанија ја посетиле 1,79 милиони туристи од Велика Британија, што е за 4,8 отсто повеќе во однос на истиот месец лани, како и 1,3 милиони Германци и 1,16 милиони француски државјани. Бројот на посетители од Германија е зголемен за 14 отсто, а на гости од Франција за 16,7 отсто на годишно ниво, пренесува Танјуг.
Најмногу туристи ја посетиле Каталонија во октомври, а најголем број туристи во Шпанија престојувале меѓу четири и седум ноќи, се додава во извештајот. Во првите десет месеци од 2024 година, Шпанија ја посетиле рекордни 82,9 милиони луѓе, што е за 10,8 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година, според ИНЕ, пренесува АлЏезира Балкан