Околу две третини од Германците се незадоволни од работата на канцеларот Олаф Шолц и неговата влада, што е најмногу од почетокот на мандатот, покажува истражување.
Дури 62 отсто од испитаниците во истражувањето на маркетинг агенцијата Инса за неделното издание на високотиражниот весник „Билд“ му дале негативна оценка на Шолц. Во март 46 отсто изразиле незадоволство од канцеларот.
Само четвртина од Германците се со став дека тој добро ја врши работата.
Речиси две третини од испитаниците се исто така незадоволни од работата на владата во целина. Во март таа имаше поддршка од 43 отсто од Германците.
Социјалдемократите на Шолц, водечката партија на владејачката коалиција, се поддржани од само 19 отсто од граѓаните, значително помалку од опозициските конзервативци, но и од партнерите на СПД, Зелените. На парламентарните избори СПД освои 25,7 отсто од гласовите.Според западни медиуми, критичарите го обвинуваат за недостиг на лидерски способности.