Ѓоковиќ ја отвора сезоната со настап на турнирот во Бризбејн

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе ги започне подготовките за Австралија Опен следниот месец со настап на меѓународниот тениски турнир во Бризбејн, објавија организаторите во средата.

„Одвај чекам да ја започнам мојата австралиска турнеја во Бризбејн Интернационал и повторно да се натпреварувам во Пат Рафтер Арената“, изјави 24-кратниот победник на Грен слем турнирите.

АТП-ВТА турнирот во Бризбејн ќе се одржи од 29 декември до 5 јануари, пред Австралија Опен кој започнува на 12 јануари.

Доколку победи, сега 37-годишниот Ѓоковиќ би ја освоил својата 100-та титула, придружувајќи им се на Џими Конорс (109) и Роџер Федерер (103) како единствени тенисери кои освоиле најмалку сто титули.

На почетокот на 2024 година, Ѓоковиќ беше елиминиран во полуфиналето на Австралија Опен од идниот победник Јаник Синер.