Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се повлече од тенискиот турнир во Синсинати каде од следната седмица требаше да ја брани титулата по триумфот во сингл конкуренција на Олимпијадата во Париз, објавија организаторите во четвртокот.
Со победата над Шпанецот Карлос Алкараз во финалето во Париз, Ѓоковиќ стана само петтиот играч кој во кариерата ги освоил сите четири индивидуални Грен-слем турнири и олимписката титула.
„Секако разбираме дека доаѓањето во Синсинати е веднаш по неговиот олимписки триумф. Неговата титула овде минатата година беше толку незаборавна. Едвај чекаме да го видиме наскоро на теренот”, рече директорот на турнирот Боб Моран.
Повлекувањето на Ѓоковиќ го става Французинот Џовани Мпетши Перикар во ждрепката.
Минатата година во Синсинати, Ѓоковиќ го победи Алкараз во финалето пред да се упати на УС Опен каде ја освои последната од своите 24 Грен-слем титули.