Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и Италијанецот Јаник Синер се првата полуфинална двојка на третиот Грен слем турнир во сезоната – Вимблдон.
Бранителот на титулата во четвртфиналето го победи Русинот Андреј Рублев со 4-6, 6-1, 6-4, 6-3, со што ја постигна 33-та последователна победа на Вимблдон, додека Синер го победи Русинот Роман Сафиулин со 6-4, 3-6, 6-2, 6-2.
Преостанатите две четвртфинални двојки се Карлос Алкараз – Холгер Руне и Данил Медведев – Кристофер Еубенкс.
„Ќе биде сѐ потешко и потешко, но ми се допаѓа енергијата со која играв денеска. Најпрво сакам да им се заблагодарам на навивачите кои создадоа одлична атмосфера, се надевам дека уживавте. Имаше исклучителни промени и интензитет”, изјави Ѓоковиќ кој славеше по два часа и 47 минути игра.
Првиот сет отиде на страната на рускиот тенисер по 46 минути игра. Клучен беше брејкот во деветтиот гем, по кој Рублев го доби својот сервис за 6-4. Сепак, Ѓоковиќ доминираше во остатокот од натпреварот.
Во вториот сет поведе со 4-0 со два брејка и мирно го приведе сетот до крај (6-1). Во третиот сет доволен брејк за 3-2, а во четвртиот сет српскиот тенисер уште два пати му го одзеде сервисот на противникот.
Во својот 18-ти настап во „Ол Ингланд“ клубот, Ѓоковиќ стигна до своето 12-то полуфинале, а вкупно 46-то полуфинале на Грен слем турнирите, достигнувајќи го Роџер Федерер.
Српскиот тенисер во полуфинале го чека 21-годишниот Италијанец од Јужен Тирол, кој првпат во кариерата ќе се појави во полуфинале на Грен слем турнир. Синер стана и најмладиот полуфиналист од 2007 година.
Ѓоковиќ и Синер досега играле двапати, а Ѓоковиќ победил и двата пати. Последен пат играа минатата година, исто така на Вимблдон, а Ѓоковиќ во четвртфиналето победи со 3-2 во сетови, откако Италијанецот поведе со 2-0.